Успешно излекуван од ковид-19 пациент со трансплантиран бубрег

ПРЕПОРАКИ ЗА ПАЦИЕНТИ СО БУБРЕЖНИ ЗАБОЛУВАЊА, ПАЦИЕНТИ НА ДИЈАЛИЗА И ПАЦИЕНТИ СО ТРАНСПЛАНТИРАН БУБЕРГ ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА СО COVID 19
30/04/2020
V UKC Ljubljana v zadnjem mesecu opravili 21 transplantacij
12/05/2020

Сите пациенти кои се на дијализа а имаат покачена телесна температура, сува кашлица, мускулни болки се тестираат за корона – вели д-р Рамбабова Бушљетиќ,

 1,249

Само во еден случај е дијагностицирана корона вирусна инфекција кај трансплантиран пациент, кој успешно е излекуван на Клиниката за инфективни болести и е испишан дома. Во такви случаи, протоколите со имуносупресивна терапија се сосема  поинакви од вообичаеното, вели во разговор за Плусинфо, насловен доцент д-р Ирена Рамбабова Бушљетиќ, директорка на Универзитетската Клиника за нефрологија во Скопје.

И пред состојбата со епидемија од корона вирусот, пациентите со трансплантирани бубрези оделе на редовна имуносупресивна терапија со заштитна маска.

На Клиниката за нефрологија се лекуваат и пациентите на хемодијализа, кои заедно со оние со трансплантирани органи, припаѓаат на една од најчувствителните групи.

Кои дополнителни мерки ги презедовте во оваа ситуација за дополнително да ги заштитите пациентите од коронавирусот?

– Пациентите на хемодијализа се едни од најчувствителните групи. Со регионалните центри за дијализа со медицинските директори изработивме упатства за третман за пациенти на хемодијализа и ги дистрибуиравме со Министерство за здравство. Сите пациенти кои имаат покачена температура пред да дојдат во центарот за дијализа или на Клиниката за нефрологија потребно е да се најават, да носат заштитна маска и да дојдат со посебен превоз, а не со организиран превоз со цел да се намали ризикот од ширење на инфекцијата. Тие пациенти се дијализираат во засебна издвоена просторија од другите пациенти сѐ до добивање на резултатот. Неколкуте инфицирани пациенти со ковид-19, се третираат во Ковид центарот во ГОБ „8. Септември“ – вели д-р Рамбабова Бушљетиќ.

Дали на некои од лицата на дијализа им правите и тест за корона?

– Сите пациенти со покачена телесна температура, сува кашлица, мускулни болки се тестираат за корона.

Во услови на пандемија, продолжуваат ли програмите за пресадување органи или мора да се одложат? 

– Редовната програма за трансплантација секаде во светот, според упатствата на релевантните нефролошки здруженија, е прекината, освен доколку се процени дека таа процедура е животоспасувачка.

Доколку има потреба од болничко лекување на пациент со трансплантиран бубрег, а е независен од коронавирусна инфекција, го спроведуваме на Клиниката.

Повеќе од еден месец сме во вонредна состојба и ограничени се посетите на лекарите. За кои состојби граѓаните сепак треба да се јават на лекар? Кај воспаление на бубрег, на пример, мора да се оди во болница или на клиника? Како се организиравте на Нефрологија? 

– Пандемијата со ковид-19 не само кај нас туку и во светски рамки го промени нормалното функционирање на здравствените системи, со цел да се намали ширењето на заразата и да се спасат човечки животи. И кај нас се презедоа мерки во болничкиот и во амбулантскиот дел – сите вообичаени, контролни прегледи беа откажани и започнавме поинаква комуникација со пациентите. Анализите коишто можеа да се направат во лаборатории блиску до местото на живеење, пациентите ги спроведуваа, а потоа со резултатите контактираа со лекарите. Даваме и одговори на e-mail адреса на Клиниката. Но сите ургентни прегледи и неопходни хоспитализации на пациентите се спроведуваат. На самиот влез на клиниката се мери температура на пациентот и се прави епидемиолошка анкета со што го проценуваме ризикот од можна инфекција со коронавирус. Настојуваме да има доволна дистанца помеѓу болничките легла, а целиот медицински персонал носи заштитна опрема според нивото на медицинска дејност. Ниту еден пациент со потреба од итен медицински третман како што е потребата од лекување со дијализа не е одложен. Секако се јавуваат и пациенти за кои со сигурност не може да се каже дали се инфицирани со коронавирус, па се земаат брисеви за тестирање. Тие пациенти се ставаат во посебна просторија за изолација до добивање на резултат. Исто така се дијализираат во посебна просторија од останатите пациенти. По лежењето во тие простории или дијализа се врши детална дезинфекција според потоколите. Редовно се состануваме со Комисијата за интрахоспитални инфекции и правиме извештаи.

Инфекциите на горните уринарни патишта претставуваат сериозна состојба, а кога лекарите во локалните болници процениле дека не можат да ги третираат, се упатуваат кај нас. Се трудиме да се избегнуваат предолги болнички третмани доколку состојбата тоа го дозволува за да се намали ризикот од каква било инфекција.

Како го штитите персоналот на Клиниката – воопшто и при работа со најтешко болните?

– Обезбедивме заштитна опрема за целиот персонал и според нивото на ризик така се употребува. Кај нас лекарите, медицинските сестри и техничари и помошниот персонал и вон условите на пандемија е дополнително заштитен поради природата на работата. Се водат акутни дијалзи кај пациенти со системски инфекции, кај останати други заболувања кои можат да бидат потенцијална опасност за медицинскиот персонал. Во минатото, бројот на пациенти на дијализа со хепатит бил повисок отколку во сегашниот период со медицински протоколи и начин на лекување, па така персоналот кој работи на хемодијализа има искуство при работа со инфекции што во овој период е и некаква предност за нас. Чувството и начинот на работа за нашиот персонал со пациенти со инфекции може да се каже дека е во рутинска пракса.

Во дополнителните услови на пандемија кај пациенти со коронавирус се користи дополнителна поголема заштитна опрема, визири, скафандери, посебни маски, ракавици, заштитни очила…

Што станува кога некој заболен од ковид-19 којшто е во тешка состојба, а е и пациент кој се  дијализира? 

– Нашиот персонал ги изведува хемодијализите кај најтешките пациенти кои се на респиратори на Клиниката за инфективни болести. Соработката со колегите од Клиниката за инфективни болести е од особено значење и ни претставува взаемно задоволство за придонес за лекување кај најтешките пациенти со коронавирусна инфекција.

Дали успеавте да ги поделите вработените на Клиниката или тие се веќе во оптимален или намален број и во редовна состојба, па не може плус ослободувања да има?

– На Клиниката направивме план за ротација со цел да се има резервен тим, особено од групата на лекари кои дежураат, се менуваме на една недела, со што ги комбинираме и слободните денови од дежурства. Дел од нашите сестри и лекари ротираат за испомош и на Клиниката за инфективни болсти.

Совет за лицата со висок крвен притисок, кои се ваши многубројни пациенти,  во овие услови кога не може на редовна контрола да одат?

– За сите пациенти со бубрежни заболувања, вклучувајќи ги овде и пациентите со покачен крвен притисо, препорачуваме да ја земаат редовната терапија доколку немаат симптоми на инфекција, сѐ додека нивниот лекар не препорачал поинаку. Редовно да се зема антихипертензивната терапија до сите групи на лекарства според препораката на докторите. Достапни се телефонски броеви и адреси за сите пациенти кои бараат совет од нас а сметаат дека во овој период не мора да се јават на клиниката.

Д-р Бушљетиќ, како Вие лично се штитите од вирусот и на работното место и дома?

– Заштитата за сите нас е иста, применуваме заштитни маски и ракавици и во рутинските контакти секојдневно со колегите, се трудиме да не контактираме со персоналот во големи групи. Заштитата за работа со пациентите е според нивоата кои се предвидени.

Во домот со моето семејство, земајќи го предвид фактот дека и јас и сопругот сме доктори и секојдневно сме во можен контакт, социјално дистанцирање од нашите пријатели во овие моменти го подразбираме како придонес кон заедницата да спасиме повеќе животи. Моите ќерки, како и сите училишни деца имаат онлајн настава која успешно се спроведува, а новите генерации тоа многу поуспешно го изведуваат, прифаќаат и така функционираат. Повремено практикуваме кратки прошетки .